Повеќето онлајн форми на маркетинг се прилично лесни за промена. Бидејќи се дигитални, ако треба да замените слика или збор можно е тоа да се направи веднаш. Ако на пример сте креирале видео кое води до вашата веб страница и треба да се вклучат некои нови информации, можете да ги направите промените на видеото и потоа повторно да го поставите. Дури и ако треба повторно да снимате еден дел, процесот на менување на делот на оригиналното видео е прилично брз и лесен за правење. Од друга страна, ако треба да се додадат нови информации во печатено упатство, треба да го промените дизајнот. Ова значи дека ќе треба повторно да печатите, што ќе ве чини екстра време и пари. Плус, старите брошури што ги имате на залиха веќе не се релевантни и се пропадната инвестиција.
ПРИДОБИВКИ ОД ОФЛАЈН МАРКЕТИНГ – ОПИПЛИВА ДОВЕРБА
Физичките производи имаат посебен шарм. На пример убаво дизајнирана визит карта, печатена на квалитетна хартија самата вели: „Здраво, јас сум вистинска компанија и ти нудам стабилност“. Нормално, тоа не е она што буквално го кажува картичката, туку како ние ја перцепираме фирмата. Ако таа фирма може да плати за професионални визит карти, тогаш нивната понуда е реална. Како и визит картата, така и бизнисот нема да исчезне преку ноќ.
Не треба да се занемари факторот на доверба кај опипливите работи и традициналните медиуми. Печатените материјали, ТВ и радиото имаат поразлично влијание отколку дигиталните медиуми. Перцепцијата за стабилноста и доверливоста на бизнисот е подобра кога се користат потрадиционални форми на маркетинг.
ЛУЃЕ НАСПРOТИ ПИКСЕЛИ
Иако сме во време на пандемија на Ковид 19 кога организирањето на големи собири е ограничено па дури и забрането, важно е да се посочи нивната вредност за кога ќе се укинат рестрикциите. Навистина, ништо не може да ги замени личните интеракции на настаните. Имате можност да запознаете многу потенцијални клиенти, да ја видите вашата конкуренција и да добиете целосна слика за тоа што моментално се случува во вашата индустрија. Ако учествувате на саем, имате многу можности да поделите маркетинг материјали и да го претставите вашиот бизнис. Овие настани отвараат и простор за креативност. Можете да им овозможите на луѓето интеракција со вашиот производ и потоа да го добиете нивното мислење. Но, сето тоа чини пари. За да учествувате на саем плаќате одредена сума за правото да имате штанд, трошоци за штандот, материјали за репрезентација, трошоци за пат и храна.
Кога станува збор за онлајн настани, концептот на влегување во соба изгледа како екран преполн со квадрати. Иако новите платформи како „Zoom“ елиминираа некои непријатности на онлајн настаните, сепак тие се потполно различни од традиционалната офлајн верзија.
За среќа, денес постојат начини да се спојат онлајн и офлајн маркетингот за да се добие најдоброто од двата. Некои примери се: онлајн профили на продавачи или настани кои се пренесуваат „во живо“ на социјални медиуми.
ПРИДОБИВКИ ОД ОНЛАЈН МАРКЕТИНГ – МИСТЕРИОЗНИ МЕТРИКИ
Кога работите со дигитални форми на маркетинг сè е лесно мерливо. Ова е една од клучните предности што ги има онлајн маркетингот во однос на офлајн. Традиционалните форми на рекламирање како што се ТВ или радио спотови не секогаш даваат јасен увид за тоа кој обрнал внимание, и кој го купил вашиот производ како резултат на рекламата. Ајде да споредиме една ТВ реклама со онаа објавена на „YouTube“. Онлајн можете да дознаете колку луѓе кликнале на вашата реклама на „YouTube“ за да ја посетат вашата веб страница. Меѓутоа, кога станува забор за ТВ реклама, не секогаш знаете дали некој решил да дознае повеќе за вашиот бизнис откако ја видел вашата реклама.
Анализирање на податоците од онлајн маркетинг активности и толкувањето на трендовите ви даваат вредни податоци за вашата целна публика. Постојат многу алатки за дигитален маркетинг кои помагаат при следење на информациите и многу начини за автоматизирање на процесите за да можете лесно да допрете до потрошувачите. На пример, софтверот за автоматизација на емаил ви овозможува да допрете до голем број на клиенти и да ги следите интеракциите. Спротивно на тоа, традиционалната директната пошта не може да ви даде информации за тоа кој имал интеракција со вашето писмо, па дури и дали воопшто имало некаква интеракција. Можете да ги следите луѓето кои купиле врз основа на флаерот на кој имало испечатен специјален код, но во споредба со емаил кампањата, повеќето од вашите метрики ќе останат мистерија.
ДИГИТАЛЕН МАРКЕТИНГ ИЛИ ОФЛАЈН МАРКЕТИНГ – КОЈ Е ПОДОБРО ДА СЕ ИЗБЕРЕ?
Најдоброто решение за повеќето мали бизниси е да изберете комбинирана стратегија на онлајн и офлајн маркетинг. Дури и со најефикасната и најуспешната дигитална кампања, би можело да биде корисно да се вклучи опиплив предмет или офлајн промоција која ја поттикнува довербата кај потрошувачите. Доколку дозволува вашиот буџет, можете да ги интегрирате дигиталната и офлајн стратегија за да се надополнуваат една со друга, и да помогнат да се обезбеди добро заокружен маркетинг пристап.
Сепак, најважно е вашите пораки на сите медиуми да останат конзистентни и да имате добро осмислен план пред да почнете да трошите пари.