Што е ваше, а што не е ваше на интернет?

Социјалните медиуми се можеби најпривлечното нешто што му се случило на маркетингот во последните 10-тина години. Тие отворија целосно нови врати од можности кои традиционалните медиуми не можеа ни да сонуваат да ги отворат, им дадоа глас на сите учесници во процесот и целосно го променија наративот и начинот на комуникација од корпоративен во човечки.

Да, платформите 2.0 дадоа можност за двонасочна комуникација. Гледано низ призма на маркетинг комуникации, компаниите се тие кои ја испраќаат пораката, но крајниот корисник не ја прима само немо истата, туку има можност и да испрати порака назад и да почне еден цел наратив кој може да оди навистина во прилог на компанијата, но може и целосно да го смени наративот и да извади проблем на површина.

Тоа е предноста на платформите 2.0. Што би биле платформи 3.0? Е тука веќе работите стануваат интересни. На концептот интернет 3.0 налетав преку еден твит пред некој ден каде што доста детално се објаснува концептот кој јас сега ќе се обидам лаички да ви го објаснам.

Ако целта на интернет 2.0 беше да се даде можност на двонасочна комуникација, тогаш целта на интернет 3.0 е да се има истата можност, но моќта на платформите за комуникација да биде децентрализирана. Што значи децентрализација? Тоа значи дека нема целата моќ да биде централизирана во една компанија која ќе го регулира комуникацискиот канал туку секој од нас ќе биде „сервер“ на некој начин, па така нема да има никогаш можност ниту хакер да го пробие системот, ниту компанијата да манипулира со мрежата. Лаички повторно ќе кажам, ова ми звучи на блокчејн за социјани мрежи, концепт на торенти за ФБ и Инста.



Зошто го свртев разговорот кон интернет 3.0? Бидејќи светот е веќе подготвен за тоа имајќи ги предвид сите контроверзии поврзани со Фејсбук и нејзините Инстаграм, Месенџер, Воцап и други ќерки сателити, а особено имајќи предвид речиси целодневното паѓање на истите.

Разговорот сам по себе повлекува неколку работи како што се безбедноста на приватноста на корисници, зависноста на бизнисите од конкретни мрежи и прашањето што правиме ако утре овие мрежи ги нема или станат нерелеватни (RIP MYSPACE).

За да го одговориме тоа прашање прво мора да се навратиме на некои концепти на основна писменост за дигитален маркетинг кои луѓето често ги забораваат, а некои дури и (сосема оправдано) не ги знаат.

Една од клучните поделби на дигиталниот маркетинг е разгранување во три гранки и тоа: owned media (канали и содржина која се во ваша сопственост и врз кои имате контрола) earned media (содржина која некој ја споделува – корисници, медиуми итн. и врз чиј наратив немате контрола) и paid media (или по нашки платена реклама).

Зошто ова е важно за ситуации како паѓањето на ФБ и нејзините сателит мрежи? Бидејќи да се случеше да ги снема подолго време или целосно (никогаш не се знае), по автоматизам брендовите и инфлуенсерите немаше да имаат соптвеност на нивните профили/страници на тие мрежи, немаше како да имаат момент на earned media (немаше да има кој да ги споделува објавите) и немаше да имаат пристап до системот за платени реклами.

Во целава ситуација единствно нешто кое би било во контрола на брендовите и инфлуенсерите би биле вистинските owned media канали. Канали кои не се во сопственост на популарните социјални мрежи, туку во нивна сопственост. Кои се тие канали? Па не е тоа баш множина, туку поприлично еднина – тоа е компанискиот/личниот веб сајт.

Содржината која вие ја креирате секогаш ќе биде ваша без разлика дали тоа се блог текстови, авторски видеа, фотографии, дизајни или каква и да е дигитална содржина. Секој кој сака да ве следи секогаш ќе има начин – социјалните медиуми се супер, ама сајтот ваш, сепак е ваш, а да не зборавиме дека останува опцијата луѓето да се претплатат на новите ваши содржини преку електронска пошта.

За крај, најдоброто наравоучение од целиот дебакл со ФБ е дека мантрата на секоја компанија која користи дигитален маркетинг или на поединците кои создаваат квалитетна содржина мора да биде дека тоа што се дава/споделува е нешто што е навистина квалитетно, бидејќи на крајот од денот квалитетната содржина стигнува до крајниот корисник, а најдобро е кога таа содржина е хостирана на ваш сајт кој е во ваша контрола.

Содржина преземена од piksel.mk, Мини водич за дигитален маркетинг кога паѓаат социјални мрежи

Автор: Владимир Ристевски